Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, не го криеше разочарувањето по поразот од 1:2 на гостувањето кај Брајтон во Премиер лига. Холандскиот стратег призна дека „галебите“ биле подобар ривал во второто полувреме, но посочи и на сериозните проблеми со повреди во нападот, кои доаѓаат во најнезгоден момент од сезоната.
Слот откри дека плановите му се распаднале уште на стартот од натпреварот. Откако веќе подолго време не можеше да смета на Александар Исак, нов удар пристигнал кога Уго Екитике морал да го напушти теренот само по две минути игра.
„Првото полувреме беше изедначено, но беше огромен шок да го загубиме и вториот напаѓач веднаш. Уго е очигледно разочаран – знае дека има уште само осум кола до крајот, а битката за Лига на шампиони е жестока. Не изгледа како повреда за три месеци, но доволно сериозна за да не продолжи“, изјави Слот.
Тој беше искрен и за играта по паузата:
„Во второто полувреме Брајтон беше подобриот тим. Ние бевме блиску до израмнување, но тие беа поблиску до трет гол отколку ние до втор.“
За Ливерпул ова беше 10-ти пораз сезонава, а Слот повторно потенцираше колку е тешко да се одржи континуитет по европските натпревари. Сепак, останува умерен оптимист за крајниот пласман.
„Се надевам дека нема да бидат потребни сите 24 бода за пласман во Лигата на шампиони, бидејќи ние веќе не можеме да ги освоиме. Во Ливерпул секогаш има притисок. Стигнавме до четвртфинале во ФА Куп и сме уште во Лигата на шампиони, но во првенството мора да обезбедиме место во Топ 4.“
Слот додаде дека гостувањето кај Брајтон традиционално е незгодно:
„Секогаш е тешко тука, особено со квалитетот што го носат. Но клуб како Ливерпул мора да знае да извлече резултат.“
За крај, Холанѓанецот упати и мала критика кон претходните настапи, истакнувајќи дека киксот против Тотенхем минатата недела бил далеку понеприфатлив од денешниот пораз на „Амекс“.

