Англискиот гигант Ливерпул беше немоќен на синоќешното гостување кај Пари Сен Жермен и загуби со 2:0 во првиот меч од четвртфиналето од Лига на шампиони. Ливерпул во секој поглед беше во подредена ситуација. ПСЖ имаше 74 отсто посед на топка, Светците упатија дури 18 шута кон голот на Ливерпул од кои шест беа во рамките на голот.
Од друга страна, Ливерпул со само 26 отсто посед на топка едноставно немаше шанса да создаде шанса за погодок, па дури англискиот тим не упати ниту еден удар во рамките на противничкиот гол. Тоа го знае и тренерот Арне Слот кој признава дека поразот од 2:0 е дури и прифатлив за нив.
„Ако го анализираме целиот меч, ние треба да бидеме среќни што загубивме само со 2:0. Противникот имаше многу повеќе шанси. Првиот гол ни падна тешко затоа што немаше некоја акција, но потоа имаа многу шанси да дадат повеќе погодоци. Доброто за нас е што уште сме во игра, а реваншот се игра на „Енфилд роуд“, а многу добро знаеме каква разлика може да направи тој стадион“, рече Слот.
Ливерпул го претрпе третиот пораз во низа во сите натпреварувања, а петти пораз во последните осум меча. Тренерот Слот имаше пофални зборови за голманот Мамардашвили кој со своите интервенции го спаси Ливерпул од дебакл во Париз.
„Мамардашвили имаше многу добри одбрани. Тој покажа дека е важен играч во нашиот тим. Го гледав и мечот меѓу Реал Мадрид и Баерн Минхен и видов како бранеше Мануел Нојер. Едноставно мора да се има ваков голман во оваа фаза од натпреварувањето. Тешко беше но Мамардашволи беше тука за нас кога беше најпотребно. Немавме многу можности да создадеме шанси за погодок. Противникот играше во жестоко темпо“, анализираше Слот.
Реваншот од ова четвртфинале ќе се игра на 14 април во Ливерпул.

