Арпад Штербик одлучи да ја заврши кариерата, причина е Коронавирусот!

Некогашниот голман на РК Вардар, Арпад Штербик, објави дека ја завршува кариерата. Штербик, кој се прослави бранејќи за репрезентациите на Југославија и Шпанија, а и на клупска сцена ги освои сите можни трофеи, потврди дека веќе нема намера активно да се занимава со ракомет.

На Штербик му е преку глава од Коронавирусот кој ги запре сите спортски активности во светот и не се знае до кога ќе биде така. Штербик, кој има 41 година, признава дека неговото тело веќе не може да одговори на предизвиците и по паузата за која не се знае до кога ќе трае, тој не планира да застане меѓу стативите.

„Ова беше тешка одлука за мене. Би ми било тешко да се активирам по оваа пауза. Ми се чини дека мечот со Татабања ми беше последен во кариерата. Жал ми е што нема да играм барем уште еден фајнал-фор од Лигата на шампионите, сакав уште една европска титула, но во овие околности, тоа за мене е невозможна мисија“, рече човекот кој и со Вардар се искачи на европскиот трон.

Штербик бранеше за Југовиќ, Веспрем, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона и Вардар. Освои четири европски титули, а како репрезентативец со Југославија има две бронзи на СП, додека како натурализиран Шпанец освои европска и светска титула.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести