11.8 C
Skopje
недела, 15 февруари 2026

Арсенал доминантен против Виган во ФА купот (Видео)

Арсенал без проблеми се пласира во осминафиналето на ФА купот.

Лидерот на Премиер лига и клуб со рекордни 14 титули во ФА купот, пред три дена направи кикс во домашното првенство, одигра 1-1 со Брентфорд и му дозволи на Манчестер сити да му се приближи на четири бода заостанување. Но, вечерва Топчиите ја испразнија фрустрацијата на третолигашот Виган, победувајќи го со убедливи 4-0 на свој терен.

Виган во 2013 година сензационално го освои ова натпреварување, но тие денови се далечна меморија за тимот, кој оваа сезона жестоко се бори да не испадне во четвртиот ранг на англискиот фудбал.

Арсенал блескаше во првото полувреме. Во 11-тата минута, Еберечи Езе направи спектакуларен потег на центарот, а потоа испрати фантастично додавање во празен простор за Нони Мадуеке, кој заврши рутински за 1-0.

Предноста беше удвоена во 18-тата минута. Езе испрати додавање до Габриел Мартинели на левата страна, а Бразилецот го избегна чуварот, влезе во казнениот простор и ја заврши акцијата во свој стил за 2-0.

Во 23-тата минута, Мадуеке и Букајо Сака комбинираа по левата страна, Сака центрираше во петерецот, каде што несреќно реагираше Хант и постигна автогол.

Одбраната на Виган повторно „пукна“ во 27-та минута. Норгард го проигра Габриел Жезус, кој излезе сам пред голманот Тикл и со прекрасен удар од 12 метри го постигна четвртиот гол за 4-0.

Во второто полувреме Арсенал го забави темпото и само го одработи мечот до крај. Тимот на Артета се пласира понатаму и останува во игра за освојување на сите можни трофеи оваа сезона.

- Оглас -

Најнови вести