Унаи Емери нема да биде уште долго на клупата на Арсенал, тврдат англиските медиуми, кои веќе почнаа да шпекулираат и со имиња кои се потенцијални наследници на Баскиецот. Во обложувалниците во Англија веќе можете да се обложите кој ќе биде наредниот тренер.
Сето ова доаѓа само на еден ден пред гостувањето на Арсенал кај Ајнтрахт во Франкфурт, во меч од Лигата на Европа. Ако Арсенал загуби од Ајнтрахт, веројатно притисокот врз Емери ќе се зголеми уште повеќе и неговата судбина како тренер на Топчиите ќе биде неизвесна.
Скромното отворање на сезонава не ги задоволува фановите и раководството, Арсенал во Премиер лигата има само 8 бода од пет кола, а и игрите и одбраната не се задоволителни.
Главен фаворит за наследник на Емери е Микел Артета, актуелен помошник на Пеп Гвардиола во Манчестер сити и екс играч на Арсенал.
Кандидати за функцијата се и Патрик Виеира, Фреди Љунгберг, Брендан Роџерс, Тјери Анри, па дури и Арсен Венгер. Сепак, квотата за Венгер е огромна и тешко може да се верува дека би се вратил на клупата на тимот кој го водеше 22 години.