Фудбалерите на Арсенал играат во неверојатна форма во последно време и не дозволуваат Ливерпул да се одлепи на лидерската позиција на табелата во Премиер лигата.
Топчиите откако во минатото коло со неверојатни 0:6 го совладаа Вест хем, денеска на гостувањето кај Барнли победија со 0:5 и дојдоа на минус два од Ливерпул на табелата.
Гол-шоуто на Топчиите го отвори Мартин Одегард во четвртата минута, а до крајот на првиот дел, Букајо Сака зголеми на 0:2 од пенал.
На стартот од второто полувреме, Сака погоди за 0:3, а во листата на стрелците се запишаа и Тросар и Хаверц.
Гостите славеа на уште два меча кои се играа од 16 часот и тоа со идентичен резултат, 1:2. Астон вила ја оправда фаворитската улога на „Крејвен котиџ“ и го победи Фулам, додека Вулверхамптон го изненади Тотенхем во Лондон.
Њукасл со голот во судиското продолжение се спаси од пораз пред своите гледачи играјќи 2:2 против Борнмут, додека Нотингам форест е единствен тим кој победи на домашен терен (2:0 против Вест хем).