Лондонски Арсенал на денешната ждрепка доби „награда“ за освојувањето на првото место во лигашкиот дел и ќе има малку полесен пат до полуфиналето за разлика од останатите конкуренти за европската титула.
Осминафинална пречка на Арсенал му е Леверкузен и тука јасно е дека премиерлигашот е голем фаворит, а потоа ако ги минат Германците, Топчиите во четвртфиналето ќе играат со подобриот од Бодо/Глимт – Спортинг Лисабон и пак ќе бидат огромни фаворити барем на хартија.
Ова е „отворен пат“ до полуфиналето за Арсенал, за разлика од маките кои ќе ги имаат, на пример, ПСЖ, Манчестер сити или Реал Мадрид. За да дојде до полуфинале, актуелниот првак ПСЖ ќе мора да ги елиминира Челзи и веројатно Ливерпул, а Сити или Реал прво ќе се „чистат“ во меѓусебен дуел како и секогаш во последните 6-7 години и потоа ќе имаат тешко четвртфинале веројатно со Баерн Минхен.
Барселона може да биде задоволна бидејќи подобро е да играат осминафинале со Њукасл отколку со ПСЖ, потоа би имале четвртфинале со стариот ривал Атлетико или со друг премиерлигаш, а можно е и во полуфиналето и во финалето да има ривали од островот, па теоретски до крајот Барса може да игра само со англиски екипи.


