Арсенал беше пред лесна и сигурна победа на гостувањето кај „фенерџијата“ Вулверхемптон, но остана без целиот плен во 94-тата минута. Топчиите имаа предност од два гола сè до 61-вата минута, кога Буено намали на 1-2, а Едоци во 94-тата минута израмни на 2-2 и го постави конечниот резултат.
Ова е првпат во историјата на Премиер лигата лидерот на табелата да испушти два гола предност против екипа која се наоѓа во зоната за испаѓање во моментот на одигрување на мечот, а на Арсенал тоа му се служи против тим кој не само што е во опасната зона, туку е последен и веќе се подготвува за настап во второлигашката конкуренција.
Топчиите сега имаат пет поени предност пред Манчестер сити, но Граѓаните имаат и натпревар помалку, па може да дојдат и на минус два, па титулата да се одлучува во меѓусебниот дуел во 33-тото коло.

