Во англиската Премиер лига досега се одиграа 21 кола, а лидерската позиција е за Арсенал. Топчиите синоќа ремизираа 0:0 против Ливерпул, а досега освоија 49 бодови. На второто и третото место се Манчестер сити и Астон вила кои имаат по 43 бодови.
Сите останати екипи имаат двоцифрено заостанување во однос на Арсенал. Ливерпул е четврти со 35 бодови, а потоа следуваат Брентфорд со 33 бодови, Њукасл и Манчестер јунајтед со по 32 бодови, Челзи 31…
До крајот на првенството има да се одиграат уште 17 кола, а според пресметките на статистичката платформа Опта, Арсенал речиси сигурно ќе биде првак во Англија. Опта пресмета дека Арсенал има 86,8 отсто шанси да биде шампион на крајот од сезоната.
Според оваа пресметка, Манчестер сити има 8,9 отсто шанси да биде првак, а потоа следи Астон вила со 4,2 отсто шанси да е најдобар на крајот од сезоната. На Ливерпул му се даваат 0,1 отсто шанси дека ќе биде првак.
Арсенал последен пат беше првак во Премиер лигата во далечната 2004 година, што значи дека лондонскиот тим повеќе од две децении чека да се израдува на овој вреден трофеј.
Опта пресмета дека Вест хем, Барнли и Вулверхемптон се трите екипи кои ќе испаднат од елитното друштво на крајот од оваа сезона.

