Англискиот премиерлигаш Арсенал планира да ги продолжи договорите на тројца клучни играчи во составот на Микел Артета. Станува збор за крилниот напаѓач Букајо Сака и за дефанзивците Габриел Магалјаеш и Вилијам Салиба.
Договорите на тројцата истекуваат во 2027 година, но тие се сметаат за основни играчи во проектот на Топчиите, па раководството брза да ги „врзе“ на подолг период, надевајќи се дека на тој начин ќе го одбие интересот од други клубови.
Всушност, Арсенал е подготвен веднаш да започне разговори со овие фудбалери. Единствената причина што тоа сè уште не се случило е што клубот не сака да им го одвлекува вниманието пред клучниот дуел со Реал Мадрид во Лигата на шампионите.
Според информации од клубот, преговорите со Сака се очекува да бидат само формалност, бидејќи играчот е подготвен да потпише нов договор без многу двоумење.
Ситуацијата со Габриел и Салиба, пак, е посложена. Интерес за нив имаат и други клубови, што би можело да влијае на преговорите. Бразилецот е посакуван од Ал-Наср, додека Французинот е на радарот на Реал Мадрид.