Арсенал покажа дека има квалитет да се бори дури и за титулата во Премиер лигата откако во дербито на Северен Лондон успеа со пресврт да го победи Тотенхем со 4-2. „Топчиите“ на полувремето губеа со 2-1, но на крајот стигнаа до убедлива победа.
Со овој триумф, тимот на Унаи Емери ја продолжи серијата од 19 меча без пораз во сите натпреварувања, но Арсенал нема многу време за славење. Следниот предизвик е ново дерби, и тоа на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед.
„Следи нов меч, нов предизвик. Сега ќе играме на гости и сакаме да го подобриме билансот кога играме на туѓ терен. Знаеме какви промени треба да направиме за да ги постигнеме посакуваните резултати. Против Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“ ќе ни биде потешко од кое било гостување сезонава, но ние сме мотивирани. Не знам дали сме подобар тим од нив, но ако сме, тоа треба да го покажеме на теренот во среда“, изјави менаџерот на Арсенал, Емери.
Арсенал моментно има 30 бодови и е на четвртото место на табелата во Премиер лигата. Манчестер јунајтед е со 22 бода, што е доволно за седмото место на табелата.