Фудбалерите на Арсенал повторно се лидери во Премиер лигата, откако за кратко го изгубија првото место на табелата по победата на Манчестер сити над Нотингем Форест.
„Топчиите“ со 2-1 славеа над Брајтон пред својата публика и на тој начин дојдоа до 42 првенствени бода. Одегард во 14-тата минута го донесе Арсенал во водство, а Ритер со автогол во 52-рата минута го удвои водството на домашните.
Почесниот погодок за Брајтон беше дело на Гомес во 64-тата минута.
Ливерпул ја забележа и третата првенствена победа по ред, откако славеше над „фенерџијата“ Вулверхемптон со 2-1 на домашен терен. Мечот кој беше исполнет со многу емоции, а на кој и двете екипи се потсетија на нивниот поранешен фудбалер, Диого Жота, кој трагично загина во јули, беше решен за две минути.
Гравенберх во 41-вата минута ги донесе „црвените“ во водство, а само една минута подоцна Вирц зголеми на 2-0. Единствениот гол за „волците“ беше дело на Буено во 51-вата минута.
Со оваа победа, Ливерпул дојде до 32 бода и се искачи на четвртата позиција на табелата.

