Напаѓачот на Брентфорд, Ајван Тони, ги брои деновите пред враќањето на фудбалските терени, но сезоната би можело да ја заврши како играч на Арсенал.
Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, врши голем притисок врз управата да го ангажира Тони во зимскиот преоден рок иако Брентфорд бара отштета од 70 милиони евра.
Според англиските медиуми, пореална е опцијата Арсенал во јануари да се договори со Брентфорд за шестмесечна позајмица на Тони, со задолжителен откуп во летниот преоден рок. На овој начин, Арсенал не би западнал во проблеми со финансискиот ферплеј.
Артета смета дека му е потребен уште еден врвен голгетер бидејќи Габриел Жесус има проблеми со повредите, а и не е доволно ефикасен.
Тони, кој е суспендиран од Премиер лигата до 17 јануари поради обложување на натпревари од англиските лиги, во последните две сезони одигра 66 меча за Брентфорд и постигна 32 гола.
Покрај Арсенал, голем интерес за Тони пројавува и Манчестер јунајтед.