Арсенал во лондонски дуел за старт на новата сезона во Премиер лигата, познати датумите за големите дерби-дуели

Манчестер сити ќе ја продолжи доминацијата, Ливерпул ќе успее да му застане на патот или ќе се најде некој трет клуб кој во сезоната 2022/23 ќе блесне во англиската Премиер лига. Новата сезона од англиското првенство ќе започне порано од вообичаеното, па првото коло од Премиер лигата ќе биде на 5 август (петок). Според планот, последното коло треба да се одигра на 28 мај 2023 година, а во периодот од 13 ноември до 26 декември нема да има натпревари поради Мундијалот во Катар.

Некогашниот англиски шампион и двократен европски првак Нотингам форест се враќа во елитата по пауза од 24 години, а сезонава ќе ги гледаме и Фулам и Борнмут. Според направената ждрепка, новата сезона во Премиер лигата први ќе ја отворат Кристал палас и Арсенал на 5 август со почеток во 21 часот.

Во првото коло ќе играат и Борнмут – Астон вила, Евертон – Челзи, Фулам – Ливерпул, Лидс – Вулверхемптон, Лестер – Брентфорд, Њукасл – Нотингем Форест, Тотенхем – Саутемптон, Манчестер јунајтед – Брајтон  Вест хем – Манчестер сити.

Од дерби-дуелите кои со нетрпение се чекаат, Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“ ќе игра против Ливерпул на 20 август, Евертон и Ливерпул ќе играат на 3 септември, кога ќе се игра и дербито меѓу Манчестер јунајтед и Арсенал. Челзи и Ливерпул на „Стемфорд Бриџ“ ќе играат на 17 септември.

На 1 октомври ќе се игра големото лондонско дерби меѓу Арсенал и Тотенхем, додека најдобрите две екипи во последните неколку сезони, Ливерпул и Манчестер сити, ќе играат на „Енфилд роуд“ на 15 октомври.

 

- Оглас -

Најнови вести