Почетокот на вториот круг од Првата фудбалска лига на Македонија, односно 12-тото коло, имаше и повеќе од ефикасен почеток. Фудбалерите на Арсими со убедливи 4-2 славеа над Башкими во меч кој се одигра на „Градскиот стадион“ во Гостивар.
Иако беа постигнати шест гола, а три во првиот дел, сепак резултатот беше 0-0 сè до 36-тата минута, кога Таипи го отвори резултатот. Само две минути подоцна, Башкими израмни преку Мемети, а Дардишта во 44-тата минута донесе предност за Арсими од 2-1 на полувремето.
Во второто полувреме, Шефити постигна два гола за Арсими, во 63-тата и во 88-мата минута за високо водство од 4-1, а Авронио во 92-рата минута го намали резултатот на 4-2, воедно и го постави конечниот резултат на мечот во Гостивар.
Арсими со оваа победа дојде до 15 бода и се искачи на шестата позиција на табелата, па екипата од Чегране барем привремено „побегна“ од опасната зона. Башкими со 19 бода останува петти, но полека го губи чекорот со водечката четворка, која води битка за титулата и излез во фудбалска Европа.

