Возбудувањата од 15-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија ќе започнат со денешниот дуел во Кратово, каде што Силекс е домаќин на Арсими. Силекс сезонава игра одлично, посебно на домашен терен и е екипата која има собрано најмногу бодови пред своите навивачи (18 бода од седум средби). Тоа значи дека кратовци и сега се големи фаворити за победа над Арсими, кој има дури 10 бода помалку на табелата.
Сепак, гостите во Кратово не доаѓаат со „бело знаме“. Само пред пет дена Арсими направи изненадување и со убедливи 3:0 ја победија Шкендија, покажувајќи дека имаат сили да парираат и против фаворизираните ривали.
Стилот на игра на Арсими е без многу калкулации. Играат отворен фудбал со многу погодоци на двете страни. Во 14 меча примија дури 27 гола, што е речиси два гола по меч и само фенерџијата Шкупи има послаба одбрана од Арсими.
Во првиот дел од сезоната Силекс на гости славеше со 1:0.
Во останатите мечеви од ова коло ќе играат: (сабота 29 ноември): Пелистер – Македонија ЃП, Брера – Тиквеш; (недела 30 ноември): Струга ТЛ – Башкими, Вардар – Шкупи; (понеделник, 1 декември): Шкендија – Работнички.

