Артета: Дојдовме во Париз за да испишеме историја

Интер е првиот финалист во Лигата на шампионите, а денеска ќе се дознае и противникот против кого ќе игра за освојување на највредниот клупски трофеј во Европа. Пари Сен Жермен и Арсенал ќе истрчаат вечерва на теренот на стадионот „Паркот на принцовите“, а подобриот ќе игра во финалето. ПСЖ има предност од 1:0 стекната по првиот меч во Лондон, што значи дека на домашниот тим денеска доволно му е и да не загуби.

Иако Арсенал е во негатива и игра на гости, тренерот на Топчиите, Микел Артета, е полн со оптимизам.

„Огромен ентузијаст сум. Чувствувам огромна енергија. Само една победа нѐ дели од финалето во Лигата на шампионите. Ќе играме во еден од најубавите градови во светот против еден од најсилните тимови. Нема поубаво од тоа. Тука сме дојдени за да создадеме историја. Разликата меѓу двата тима е мала. Ние ќе одиме на резултат кој треба да нѐ однесе во финалето“, оптимистички најави Артета.

Арсенал во претходното коло го елиминираа Реал Мадрид, а успеаја да го победат Кралскиот клуб и во Мадрид со 2:1. Топчиите сезонава во ЛШ на гости беа убедливи и победуваа со неверојатни 7:1 против ПСВ во Ајндховен, а го растурија и Спортинг во Лисабон со 5:1.

- Оглас -

Најнови вести