Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, не можеше да го сокрие задоволството од победата на неговите фудбалери над европскиот и англиски шампион, Манчестер сити, со 1:0 во дербито на осмото коло во Премиер лигата.
„Чувството е одлично, ги немавме победено многу години, а сега славевме против најдобриот тим на светот. Притоа тоа го сторивме на одличен начин. Имаше моменти кога се мачевме, но и моменти кога покажавме одлучност, желба и верба во победата. Не знам дали постоеше психичка бариера, но очигледно е дека моравме да поминеме низ такво нешто. За да победиме, прво моравме да загубиме на два различни начина“, вели Артета.
Со победата, Арсенал го прескокна Манчестер сити на табелата и сега заедно со Тотенхем е лидер со 20 освоени бодови. Граѓаните паднаа на третото место со 18 бода.
„Оваа победа испраќа порака до мојот тим да продолжиме да веруваме во тоа што го работиме. Бев горд и кога губевме, а горд сум и сега“, рече Шпанецот, кој седи на клупата на Арсенал.