Артета ја откри тајната за победата на Арсенал во Лисабон

Арсенал минимално со 1:0 го победи Спортинг во Лисабон и направи голем чекор кон пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите. Клучниот момент на средбата се случи во судиското продолжение на второто полувреме, кога Кај Хаверц постигна гол во 90+1 минута за голема радост на фановите на Топчиите.

По мечот, тренерот на лондончани, Микел Артета, беше задоволен затоа што неговиот тим победи на тешко гостување.

„Многу сум среќен. Воопшто не е лесно во оваа фаза од Лигата на шампионите да се победи далеку од дома, и тоа кај ривал кој толку многу време нема загубено на свој терен. Тоа покажува колку беше тежок мечот. Знаевме дека мора да бидеме фокусирани, да бидеме побрзи, а кога влеговме во последната третина од мечот, имавме две-три шанси за погодок. На крајот еден магичен потег ни ја донесе победата. Тоа е она што е потребно во оваа фаза од сезоната. Секој мораше да има свое влијание на теренот, а играчите тоа го направија“, рече Артета веднаш по средбата во Лисабон.

Шпанскиот стратег на чело на Арсенал вели дека клучно за победата е тоа што играчите покажале карактер и го потенцирале идентитетот на заедништво во играта, нешто што тој постојано го бара од нив. Артета посебно ги пофали стрелецот на единствениот гол, но и голманот Раја, кој не дозволи неговата мрежа да биде затресена.

„Хаверц е играч кој сака да игра на големи, важни натпревари. Задоволен сум што се појави кога имавме потреба од него. Одличен беше и Давид Раја, кој имаше неколку добри одбрани.Вечерва го покажавме тоа што го барав од играчите, а тоа е да се истакне идентитетот на овој тим. Сега сме чекор поблиску до полуфиналето. Но, сепак ова е само прво полувреме и мора добро да се подготвиме за реваншот кој ќе биде пред нашите навивачи. Ако го направиме тоа, ќе може да продолжиме со мисијата во ЛШ“, додаде Артета.

Реваншот се игра следниот вторник во Лондон.

- Оглас -

Најнови вести