Артета лут вели дека Арсенал е оштетен, Инѕаги е задоволен од одбраната

Интер го доби дербито против Арсенал, а по мечот различно беше расположението кај двата тренера. Стратегот на Арсенал, Микел Артета, е лут на судијата кој досуди пенал за Интер со кој Нераѕурите стигнаа до победа од 1:0. Артета вели дека имало две ситуации во кои Топчиите требало да добијат пенал, но арбитрите останале неми.

„Горд сум на моите играчи и нивото на доминација што го покажаа. Бевме оштетени и мислам дека тоа е очигледно. Станува збор за двата пенали. Ако тоа беше пенал за Интер, мораше да се суди пенал и за нас бидејќи имаше директен удар во главата. Можевме да постигнеме најмалку два гола ако беа досудени пенали. Задоволен сум од играта и верувам дека со ваква игра ќе го победиме Челзи во дербито што ни следува во Премиер лигата“, рече Артета.

За разлика од Артета, тренерот на Интер, Симоне Инѕаги, е задоволен. Инѕаги е посебно горд што неговиот тим одлично се покажал во дуелите со англиските ривали.

„Ова беше важна победа против силен тим. Арсенал е една од најсилните екипи во Лигата на шампионите. Почнавме добро, постигнавме гол, а потоа во второто полувреме добро се браневме. Сакавме да ги израдуваме нашите навивачи. Горд сум што од двата меча со Манчестер сити и Арсенал освоивме четири бода. Ова е силен турнир и треба да останеме фокусирани бидејќи има уште четири меча до крајот на лигашкиот дел“, вели Инѕаги.

- Оглас -

Најнови вести