Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, го опиша утрешниот прв четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против Реал Мадрид како „најголем момент“ во неговата тренерска кариера досега. Во исто време, Шпанецот ја гледа оваа пресметка како одлична шанса за него и за неговите играчи да испишат сопствена историја.
„Сто проценти – ова ќе биде една од најголемите вечери во мојата кариера. Задоволство е да се подготвувам за ваков натпревар. Поради вакви моменти влегов во фудбалот и во тренерската професија. Поминаа 20 години откако Арсенал играл ваков натпревар. За нас ова е фантастична можност да создадеме сопствена историја. Затоа сме тука“, изјави Микел Артета.
Менаџерот на Топчиите верува дека неговиот тим може да направи изненадување со поддршка од фановите.
„Мојата порака? Да бидеме целосно уверени. Утре, кога ќе започне натпреварот, треба да има 11-мина фудбалери и 60.000 навивачи кои ќе веруваат дека можеме да победиме. Тоа е она што го барам. Останатото е да бидеме истиот тим од последниот квартал од сезоната, со сè што нè снајде и што успеавме да надминеме. Тоа е нашата најголема сила. Мислам дека заслужуваме да сме тука. Но, мора да го заслужиме повторно и утревечер. За да го сториме тоа, ни требаат нашите навивачи. Фактот што сме стигнале до оваа фаза само двапати во последниве 15 години, со оглед на големината на Арсенал, доволно зборува колку е тешко. Ние ќе ја создадеме нашата историја – и ќе одиме дури и понатаму. Утрешниот натпревар е совршена шанса за тоа“, дополни менаџерот на Арсенал.
Тој, секако, со огромен респект зборуваше за ривалот, Реал Мадрид.
„Реал има таква историја поради нивниот менталитет. Тоа е факт. Но, дури ни тие не биле секогаш успешни затоа што тоа е невозможно“, изјави Артета.