Арсенал ги разочара своите навивачи во новогодишната ноќ, откако во мечот со кој заврши 2023 година во Премиер лигата, Топчиите на гости загубија од Фулам со 2:1. Со овој пораз, Арсенал ја продолжи лошата серија, па во последните пет кола има само една победа, односно само четири освоени бодови.
Тренерот на Топчиите, Микел Артета потенцираше дека ова било најлош меч сезонава и дека никако не смее да се продолжи во овој ритам. Доколку победеше, Арсенал ќе беше прв на табелата, а сега е дури на четвртата позиција.
„Тоа е фудбалот и се случува, но мора да продолжиме. Ова не смее веќе да ни се повтори, бидејќи со ваква игра нема на што да се надеваме. Имавме шанса на убав начин да ја завршиме годината како лидери на табелата, но тоа не го направивме. Можеше тоа да биде одличен ден за нас, но на крајот излезе спротивното. Мора да се погледнеме во огледало, секој од нас, затоа што ова беше нашиот најлош меч сезонава“, рече Артета.