Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, истакна дека има голем респект кон Атлетико и нивниот долгогодишен тренер Диего Симеоне пред утрешната пресметка во Лигата на шампионите.
„Она што тој го постигна од своето доаѓање во Атлетико е неверојатно – не само резултатите, туку и начинот на кој тоа го направи. Идентитетот што го создаде е лесен за препознавање, бидејќи тренерот е многу сличен на тимот. Тоа е исклучително тешко да се постигне. Тој е таму веќе 14 години и она што го направи е неверојатно. Тој е човек на кого се восхитувам. Страста, долгогодишното присуство во играта и способноста сè уште да ја пренесува желбата за победа се импресивни. За да продолжиш да ги убедуваш играчите во таква средина, мора да си навистина добар“, изјави Артета за тренерот на Атлетико Мадрид.
Иако тимот е лидер во Премиер лигата, Артета не сакаше да го прогласи својот тим за фаворит.
„Единственото што ме радува е кога ја гледам енергијата, расположението, ангажманот и квалитетот на играчите. Тоа ми дава уверување дека можеме да стигнеме до крај. Но, тоа е само чувство, наредниот ден мора да се докажеш и не можеш да се занимаваш само со размислувања за тоа“, дополни менаџерот на Арсенал.
Тој додаде дека тимот покажува зголемена зрелост во споредба со минатата сезона, но дека се работи за долг процес.
„Мораме да собереме што е можно повеќе информации и да разбереме зошто загубивме толку многу поени, а потоа да се обидеме тоа да го примениме. Од нерешено до победа има детали што мора да се случат на твој начин“, објасни Артета.