Според квотите во Sport Life, Арсенал беше трет фаворит за освојување на Лигата на шампионите пред денешните мечеви, но вечерва на гостувањето кај Порто, кое го загубија со 0-1, Топчиите од Лондон оставија многу лоша слика која не смее да ја повторат на реваншот ако сакаат да се пласираат во четвртфиналето.
На тимот на Микел Артета му се замерува дека е неискусен во вакви европски нокаут-мечеви, а имаат и еден друг проблем.
Арсенал има црна серија од пет порази по ред во средби од нокаут-фаза во ЛШ. Во 2016 беа надигрувани од Барселона со 0-2 и 1-3, една година подоцна налетаа на Баерн Минхен, кој двапати ги прегази со по 5-1. Седум години чекаа за осминафинале во ЛШ, а вечерва против Порто нов пораз и она што посебно треба да ги загрижи – немаа ниту еден шут во рамките на противничкиот гол. Вакво нешто на Арсенал му се немаше случено уште од 2011 година.
Артета рече дека ќе треба подобро да се подготват за ривал како Порто.
„Ако сакате четвртфинале, мора да го победите противникот и тоа ќе мора да го направиме на реваншот на кој ќе треба да ги менаџираме работите многу подобро. Ни фалеше агресивност, особено во последната третина од теренот. Порто е добро организиран во одбрана и ти го нарушува ритамот. Знаеме што да очекуваме на реваншот, научивме нешто, ќе се подготвиме подобро и ќе одиме на победа“, рече Артета.