Артета пред финалето против Сити: „Сакаме да ги освоиме сите трофеи“

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, отворено призна дека долгата суша без трофеи е „тешка за прифаќање“. Веќе в недела, „топчиите“ имаат златна шанса да стават крај на таа серија – ги чека финале од Лига куп против Манчестер Сити.

На култниот Вембли, Артета ќе се соочи со својот поранешен ментор Пеп Гвардиола – дуел што носи дополнителна тежина, со оглед на нивната заедничка историја во Сити.

Екипата од Лондон веќе 2059 дена е без трофеј, но сè уште е во игра на сите фронтови – во Премиер лига, ФА Куп, Лига купот и Лига на шампиони.

„Желбата за победа секогаш е тука – не се менува дали ќе освоиш еден или пет трофеи. Тешко ми беше да го прифатам ова, бидејќи сакам да победам во секое натпреварување. Кога си на оваа позиција и долго време си без трофеј, притисокот расте, но и мотивацијата е уште поголема. Ова ни е огромна шанса“, изјави Артета.

Шпанецот потенцира дека во финалето нема фаворити:
„Мора сами да си го заслужиме. Понекогаш противникот е подобар, но ние мора секогаш да дадеме максимум и да одиме по нашите цели.“

Последниот трофеј Арсенал го освои во 2020 година токму под водство на Артета – ФА Куп 2020.

Во меѓувреме, битката со Манчестер Сити продолжува и во првенството, каде што Арсенал има предност од девет бода, но и натпревар повеќе – трка што ветува драматична завршница.

- Оглас -

Најнови вести