Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, вели дека Ливерпул има најсилен тим во Премиерлигата по трансферите на Александер Исак од Њукасл и Флоријан Вирц од Баер Леверкузен, и повторно е главен кандидат за титулата.
Црвените од „Енфилд“ двапати го урнаа трансферскиот рекорд ова лето: прво со доведувањето на Флоријан Вирц во трансфер кој може да достигне 116 милиони фунти при исполнување на определени клаузи, а потоа исплатија и 125 милиони фунти за Александар Исак во последниот ден од преодниот рок. Вкупно, шампионот потроши повеќе од 400 милиони фунти за нови засилувања, околу 200 милиони повеќе од Арсенал, кој исто така доведе осум нови играчи.
Ливерпул покажа дека оди во вистинската насока со три победи во првите три натпревари пред паузата за националните тимови, вклучувајќи го и триумфот од 1-0 над Арсенал.
„Тие сигурно се најсилни. Ги доведоа двајцата од најбарани играчи кои беа на пазарот во Европа, Исак и Вирц, и без сомнение направија одличен тим. Тие се многу, многу силни и стануваат уште посилни. Но, ние мора да гледаме кон себе и да видиме што треба да направиме за да бидеме подобри од нив“, изјави Микел Артета.
На прашањето колку тешко ќе биде за Арсенал да го сопре Ливерпул оваа сезона, шпанскиот тренер одговори:
„Не станува збор да го сопреме Ливерпул, туку како да се справиме со Премиер лигата и нејзината тежина во целост. Исто така е важно колку тешко ќе ни биде да го одржуваме нивото потребно за да победиш доволно натпревари за да имаш шанса да ја освоиш титулата. Тоа ќе биде навистина долг пат за сите нас.“