Арсенал со фуриозна игра во второто полувреме ги уништи надежите на Астон вила дека може да дојде и до 12-та победа по ред. Топчиите во новата година влегуваат како првопласирани со пет бода плус пред Манчестер сити (Сити има и меч помалку) и веруваат дека дојде време да ја освојат титулата.
Арсенал е тим кој освои најмногу бодови во англиското првенство во календарската 2025 година.
„Па, 2025 година беше одлична година, и лично и професионално. Начинот на којшто овие играчи, Арсенал и персоналот ме тераат да уживам во мојата работа секој ден е фантастичен. Во 2026 година знаеме што сакаме. За тоа ќе мора да работиме навистина напорно секој ден, но мислам дека сме на вистинскиот пат“, рече менаџерот Микел Артета.
Клучен за победата на Топчиите над Астон вила беше првиот погодок на Габриел Магаљаес, а менаџерот Унаи Емери верува дека имало фаул од Бразилецот над голманот Емилијано Мартинес.
„Генерално игравме многу добро во првото полувреме, се боревме, дури и ја имавме иницијативата, создавајќи шанси. Не дозволивме многу шанси пред нашиот гол, а противникот немаше ниту еден корнер во првото полувреме. Но, првиот гол сè промени, а потоа тие го зголемија притисокот. Првиот гол можеше да се смета за прекршок, но тука, во Англија, е покомплицирано бидејќи судиите дозволуваат контакт со голманите“, изјави Емери.

