Младата фудбалска репрезентација на Македонија за играчи до 21 година игра очајни квалификации за пласман на Европското првенство и веќе нема ни теоретска шанса да се бори за место на завршницата на континенталниот собир. По шест одиграни натпревари, македонските надежи имаат само една победа и дури пет порази, со негативна гол разлика од само пет дадени гола и дури 13 примени.
Единствената победа Македонија ја забележа над Ерменија со 2:1, но затоа губеше од Полска два пати и по еднаш од Италија, Црна гора и Шведска. Според резултатите, оваа генерација на играчи не ветува дека може да се надеваме на добри денови во иднина па дури и за сениорскиот тим, каде најчесто „скокнуваат“ најдобрите од У21.
Во ситуација кога Македонија нема шанси за место на ЕП, а резултатите се очајни, сè погласни се шпекулациите дека можно е да има селекторска смена на предводникот Горан Станиќ. Стратегот кој имаше успешна ланска сезона со Работнички беше назначен за селектор на У21 пред крајот на 2024 година, кога го наследи Драган Канатларовски. Сепак, како предводник на националниот тим резултатите се разочарувачки, па сè погласни се најавите за смена на Станиќ.
Како што дознава Спортманија, доколку Станиќ си замине, како главен негов наследник се споменува името на Артим Шаќири. Некогашниот македонски репрезентативец би требало да ги доработи квалификациите за пласман за ЕП, кои уште сега, според резултатите, може да ги оцениме како неуспешни.
Шаќири цели 10 години го носеше дресот на македонската репрезентација во период од 1996 до 2006 година, одигра 73 меча и постигна 15 голови. Од сите погодоци, легендарен гол против Англија на гости, постигнат директно од корнер ќе се памти засекогаш.
Како тренер, Шаќири има работено во Шкендија, Кукс, Пемброке Атлета, Фљамуртари и Шафхаузен, но сега се најавува негов прв репрезентативец тренерски ангажман како предводник на У21 селекцијата, која ги загуби шансите за пласман на следното ЕП.
Ако се знае дека новото раководство на ФФМ во своите редови постојано носи голем дел од поранешните фудбалски репрезентативни ѕвезди, ништо чудно и Шаќири да добие една од најодговорните функции во обид да ги поправи резултатите во селекцијата, што е последна „отскочна даска“ за влез во сениорскиот национален состав.
Дали Шаќири ќе биде новиот селектор на У21 селекцијата може да се знае уште утре за кога е закажана седница на Управниот одбор на ФФМ.

