Поранешните истакнати репрезентативци Артим Шаќири и Сашo Милошевски се поставени за нови координатори на младинските селекции од У14 до У20. Тие ќе бидат задолжени за подобро функционирање на младинските национални тимови и ќе работат во координација со Ѓорѓи Христов, техничкиот директор на ФФМ.
Ќе има многу промени, веќе се променети и сите селектори на младинските репрезентации, а најважно ќе биде да се стави крај на надворешните притисоци и влегувањето во репрезентација „преку врски“.
„Досега имало притисоци врз селекторите, но тоа веќе е готово. Повеќе не смее селектор да трпи притисок од никого, ниту од политичар, ниту од доктор, ниту од член на Управен одбор на ФФМ, буквално од никого. Селекторите се должни веднаш да го пријават притисокот ако го има, а јас јавно ќе кажам кој прави притисок. Ќе настојувам шанса да добие секое талентирано дете и верувајте дека ќе добие“, изјави Ѓорѓи Христов.
„Неверојатно е како досега немало видеоаналитичари во младинските категории. Никола Глигоров и Филип Ивановски се назначени како видеоаналитичари. Треба да му дадат извештај на селекторот што треба да се извлече од противникот. Во аналитиката сме многу назад. Гледав Македонија – Киргистан, а Киргистан имаа камермани и видеоаналитичари. Многу сме назад, многу доцниме и тоа мора да се промени“, најави Христов.