Македонија загуби од Грција, но ги заслужи сите аплаузи, не само на гледачите кои дојдоа „во живо“ во СРЦ „Кале“, да го проследат дуелот на нашата женска сениорска репрезентација против онаа на нашиот јужен сосед.
Грција победи, на крајот и преубедливо, со оглед на случувањата на теренот, особено во последните 10-15 минути кога нашите девојки дојдоа до негатива од само осум поени, и испратија сериозна закана на фаворитот, дека нема намера да се предадат.
На задоволство и на селекторот Алекандар Ашаданов:
„Најпрво, сакам да ѝ честитам на мојата екипа која покажа голем карактер, особено во третата четвртина кога тргна да се враќа од длабок минус и ниту еднаш не се предаде.
Исто така честитки и до оваа публика, и се надевам дека ќе биде така, и ќе има се повеќе народ на трибините, како и за малите девојчиња кои добиваат шанса и во играчите гледаат идоли.
Ни следи сега дуел со Хрватска, тие славеа над Грција, но загубија од Данска. Ништо не е решено, ќе играме максимално, па зошто да не успееме до изненадување и да дојдеме до скор 2-1?
Овој тим веќе трет циклус е заедно, младите растат, посебно во умот, дека може да играат со сите и дека нема предавање на секој меч. Горд сум и чест ми е што сите демонстрираа такво нешто на стартните два меча на домашен терен“- потенцираше Ашаданов на прес-конференцијата по натпреварот.

