Женската кошаркарска репрезентација на Македонија загуби на гостувањето кај Португалија со 65:52 и неуспешно стартуваше во квалификациите за Европското првенство, кое ќе се игра во 2025 година.
На гостувањето во Матошинос, Македонија одигра рамноправни три четвртини, па во последните 10 минути резултатот беше 47:45 за домаќините. Сепак, во решавачките минути, избраничките на селекторот Александар Ашаданов го загубија ритамот, па Португалија брзо стигна до двоцифрено водство од 59:49 и до крајот ја задржа предноста.
„Најпрво честитки за победата на Португалија, секоја пофалба и за девојките кои дадоа максимум на теренот. Интересен, но во исто време и доста исцрпувачки натпревар. Иако домаќинот отиде на паузата со предност од седум поени, девојките не се откажаа, одиграа одлична трета четвртина, каде што во добар дел од неа и имавме водство. Покажаа карактер, но очигледно е дека за комплетен успех недостасува уште нешто“, вели Ашаданов по поразот на почетокот од квалификациите за ЕП 2025.
Две основни причини апострофира младиот стручњак за овој стартен пораз, пократкиот избор на играчи на надворешните позиции и недоволна „висина“ во рекетот, особено оној којшто го браниме во текот на играта:
„Малата, односно кратка ротација на бековските позиции и доминацијата во офанзивниот скок на крајот му донесоа победа на противникот. Самокритични сме и знаеме дека натпреварите се играат за да се победуваат. Наше е да сумираме и да пробаме да ги решиме недостатоците во играта. Знаеме кои се тие, ќе се обидеме да ги сведеме на што пониски бројки во натпреварите коишто следуваат“, додава селекторот.
Извесно е дека и на овој премиерен меч во новиот квалификациски циклус не бевме комплетни. На оваа средба, селекторот Ашаданов не можеше да смета на искусната Александра Стојановска.
„Евидентно, во една ваква ситуација, извесно, нам ни треба секој играч, особено каков што е Александра Стојановска. Во Матошинос ја имавме Нена Трајчевска и таа не е целосно фит, но уште еднаш покажа каков професионалец е. Даде сè од себе, им покажа и на другите како се игра за репрезентативниот дрес. Во овој момент тоа е нашиот максимум. Се надевам дека на наредниот меч, на домашен терен, против Србија, ќе играме уште подобро“, заклучува Ашаданов.
Следниот меч за нашата најдобра женска селекција е на 12 ноември (недела), против репрезентацијата на Србија. Натпреварот е закажан за 18.часот, ќе се игра во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, а влезот е слободен.