Обвинителството во париското предградие Нантер потпиша конечен обвинителен акт против ѕвездата на Пари Сен Жермен, Ашраф Хакими, пренесува весникот „Ле Паризиен“. Мароканскиот репрезентативец е обвинет за силување, а доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна затвор до 15 години.
Случајот се однесува на настан од февруари 2023 година. Тогаш 24-годишна жена пријавила дека стапила во контакт со Хакими преку приватни пораки на социјалната мрежа Инстаграм. По повеќе од еден месец виртуелна комуникација, таа прифатила да се сретнат и дошла во неговиот дом во Булоњ-Бијанкур во петок навечер, користејќи Убер возило нарачано од фудбалерот. По пристигнувањето, ситуацијата брзо ескалирала.
Според изјавата на жената, Хакими ја бакнал во уста и во пределот на градите преку облеката, без нејзина согласност. Таа се обидела да го спречи, но тој продолжил со допири и ја силувал. Девојката доживеала шок, но успеала да испрати порака до пријателка со молба да дојде и да ја земе. Пријателката ги потврдила тврдењата и психичката состојба на наводната жртва пред полицијата. Подоцна, жртвата поднела официјална пријава против фудбалерот.
На 3 март 2023 година, Ашраф Хакими беше обвинет за силување од страна на истражен судија и ставен под судски надзор, откако беше приведен и против него беше отворена истрага. За време на сослушувањата, мароканскиот фудбалер ги негирал сите обвинувања, тврдејќи дека се работи за обид за финансиска уцена од страна на жената. Неговиот клуб, ПСЖ, застанал зад него и му дал поддршка.
Сега, обвинителството во Нантер побарало Хакими да биде обвинет пред кривичниот суд во департманот О д’Сен за кривичното дело силување. Истражниот судија допрва треба да потврди или отфрли условите на конечниот обвинителен акт. Засега, Пари Сен Жермен нема излезено со официјален коментар за новиот развој на непријатната ситуација со својот играч.