Карлос Куеста, кој е дел од стручниот штаб на Микел Артета во Арсенал, е главен фаворит за нов шеф на стручниот штаб на Парма. Раководството на италијанскиот прволигаш ќе му ја довери тренерската функција на 29-годишниот шпански стратег, за кого ова ќе биде прва самостојна работа на сениорско ниво.
Одлуката предизвика изненадување, особено со оглед на тоа што Куеста дури следниот месец ќе наполни 30 години. Тој не е „странец“ за италијанскиот фудбал – од 2018 до 2020 година беше асистент во младинскиот тим до 17 години на Јувентус, под водство на Франческо Педоне. Претходно, од 2014 до 2018 година, работеше во Атлетико Мадрид.
Иако не е прв асистент на Артета, Куеста од летото 2020 година е тесно вклучен во работата на Арсенал и има важна улога во тренерскиот тим. Сѐ уште има активен договор со лондонскиот клуб и ќе треба да го раскине пред официјално да ја преземе функцијата во Парма.
По заминувањето на Кристијан Киву во Интер, започнаа шпекулации дека Парма ќе ангажира тренер од странство. Се споменуваа имињата на Марк ван Бомел и Даниеле Де Роси како можни наследници.
Парма својот прв натпревар во новата сезона од Серија А ќе го игра против Јувентус на 24 август.