АСОМ со апел до Пендаровски: Имајте совест, не го потпишувајте штетниот Закон за игри на среќа, илјадници луѓе ќе останат без работа!

Денеска во придружба на дел од своите вработени, Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) заедно со претставниците на АПИС (Асоцијација на приредувачи на игри на среќа) одржаа собир пред Собранието на Македонија.

Повод беше закажаното второ читање на Законот за игри на среќа на редовна пленарна седница, што е и последниот чекор до изгласување на измените на овој закон и практично ставање клуч на целата индустрија на игри на среќа.

Претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, уште еднаш потенцираше дека секторот се наоѓа пред колапс и денес во Собранието пратениците ќе гласаат за катастрофалниот Закон за игри на среќа.

„Повторно пратениците ќе бидат само алатка на оние кои имаат бизнис-интерес да ја затворат легалната индустрија на игри на среќа… Законот не решава ниеден проблем поврзан со игрите на среќа, напротив ќе донесе сива економија, играње на црно, играње на странски платформи и огромни загуби за државата. Загуби за државата, но добивка и профит на малкумина во чиј интерес ова се прави“, рече Илијевски.

Тој се обрати и до претседателот Стево Пендаровски, кој претходно изјави дека нема да го потпише Законот за игри на среќа, кој се носи злоупотребувајќи го европското знаменце, а за кој е јасно дека не постои јасна европска директива.

„Ова значи дека по денешниот ден, доколку овој штетен закон се изгласа, сите наши напори ќе влезат во историјата, а сите овие луѓе кои ги гледате зад мене, но и многу повеќе од нив, ќе останат без работа. Затоа сега вие сте на потег“, му порача Илијевски на Пендаровски.

Повеќе од 50.000 семејства зависат од овој приход и ова „бескрајно самоволие на Власта“ ќе ги остави без основна егзистенција. Затоа, рече Илијевски кон Пендаровски, „сега е на вашата совест, да ги заштитите овие луѓе, овие семејства и да не дозволите насила да се донесе овој закон само за некој да ги полни своите џебови.“

Како пример дека ќе се отвори слободен пат за илегалното обложување, Илијевски ја посочи Албанија, која првично го забрани спортското обложување, а потоа беше сведок на огромен број апсења поради дивите обложувања, за на крај поучена од ваквото негативно искуство, албанската власт повторна да го легализира спортското обложување.

„Владата со овој потег ја уназадува државата и свесно ја оштетува… Затоа, да не се лажеме! Овој закон нема апсолутно никаква врска со заштита на малолетниците. Веќе и најголемите лаици знаат дека целта на овој закон е да се затворат легални домашни компании за да може Владата преку новите онлајн страници со странски компании да си го преземе бизнисот“, порача претседателот на АСОМ.

На крајот на своето обраќање тој потенцираше и дека овој закон нема да ги заштити малолетниците од ризиците на игрите на среќа, туку напротив, ќе ги лиши само страсните фудбалски навивачи од својот тикет за 50 денари, пензионерите од своето место за социјализација и илјадници семејства од основен приход.

„Затоа, почитуван претседателе, почитувани пратеници, одлуката сега е ваша: дали ќе го дозволите ова или ќе работите во интерес на народот?“, заклучија од АСОМ.

Од АПИС најавија и правна битка, ќе следат тужби и иницијатива пред Уставниот суд.

- Оглас -

Најнови вести