Шпанскиот фудбалер Сесар Аспиликуета и официјално ќе биде член на Челзи до 2022 година. Тој дојде во Челзи во 2012 година од Олимпик Марсеј, но ретко кој можеше да поверува дека еден ден тој ќе ја носи и капитенската лента на англискиот премиерлигаш.
На Аспиликуета му недостасуваат уште два настапи за да стигне до бројката од 300 мечеви одиграни во дресот на Челзи и да стане само седмиот играч во историјата на клубот со вакво постигнување. На досегашните 298 средби, иако игра во дефанзивната линија, постигнал осум голови, а имаше и 36 асистенции.
„Цезар е еден од нашите најдолговечни фудбалери и неговиот професионализам е нешто што го одликува во текот на сите овие години. Ова продолжување на договорот значи дека тој ќе помине една деценија во Челзи. Се надеваме дека во следните четири години ќе игра со ист успех како и досега“, рече директорот на клубот, Мартин Грановскаи.
Со Челзи, Аспиликуета досега се радувал на две титули во Премиер лигата и по еден трофеј во ФА купот, Лига купот и Лигата на Европа.