Еден од најдобрите колумбиски напаѓачи на сите времиња, Фаустино Асприлја, нема високо мислење за фудбалерите кои во моментов се најдобри стрелци или меѓу најдобрите во италијанската Серија А.
Асприлја во Италија играше за Парма, и не сака да го споредуваат со сегашните голгетери.
„Нема споредба. Во мое време имаше играчи како Ван Бастен, Гулит, Дел Пјеро, Баџо, Малдини, Барези, итн. Тешко беше да дадеш гол ако те чуваат Малдини, Барези, Канаваро, Костакурта. Не може да се спореди фудбалот во мое време, и сега. Кои се најдобрите дефанзивци сега? Против кого игра Осимен? Леао не е лош, ама треба да биде поефективен. Лаутаро е добар, ама не е Креспо или Балбо. Лукаку е само мускули. Од сегашните напаѓачи, само Мбапе би можел да игра во 90-тите“ – вели Асприлја, кој не ужива во модерниот фудбал кој се практикува сега.
„Гледам фудбал, но не уживам во него. Има малку дриблинзи, тренерите стојат на аут линија и им се дерат на играчите. Мене така некој да ми викаше, ќе му речев седи си на клупа, таму е местото на тренерот. Знам како треба да играм“ – додава 53-годишниот Колумбиец.