Астори можел да се спаси, лекарите се виновни за смртта на капитенот на Фиорентина

Давиде Астори, капитенот на Фиорентина, кој почина во март оваа година, можел да биде спасен. Трагедијата немало да се случи доколку лекарите не му дозволиле на Астори да продолжи да игра фудбал бидејќи знаеле дека играчот има аритмија на срцето. Астори почина од срцев удар додека беше во хотелската соба ноќта пред мечот против Удинезе. Неговото мртво тело беше пронајдено следното утро.

Истрагата која ја спроведоа во Италија покажува дека на лекарските прегледи била констатирана аритмија на срцето на Астори, но лекарите сепак потпишувале дека тој може да игра фудбал. Така било и додека играл за Калјари, но и откако дојде во Фиорентина. Двајцата доктори сега се соочуваат со обвинение поради нивното работење, кое довело до смрт на фудбалерот.

Астори беше роден на 7-ми јануари 1987 година, а започна во Милан, каде што и не доби вистинска шанса, па двапати беше даван на позајмица. Во 2008 година се пресели во Калјари, каде што помина шест години, а потоа една година играше за Рома. Од 2015 година го носеше дресот на Фиорентина, а ја имаше и капитенската лента.

За репрезентацијата на Италија одигра 14 меча, а последен пат настапи на дуелот против Израел во 2017 година. Почина на 31 година.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести