Евролигата на состанокот во Тел Авив и формално го одобри вклучувањето на францускиот клуб Асвел Вилберан, па од следната сезона и клубот чиј претседател е Тони Паркер, ѕвездата на НБА, ќе се натпреварува во елитното европско друштво.
Проширувањето на Евролигата од 16 на 18 клуба за сезоните 2019/20 и 2020/21 ќе биде со Асвел и Баерн Минхен.
Француските тимови кои не влегле во фазата топ 16 уште од 2007 година ги нема во Евролигата од 2016 година наваму. Без разлика како ќе заврши сезоната во француската лига, претставник на таа земја ќе биде Асвел. Сезонава тимот од околината на Лион е лидер во првенството и во своите редови има играчи како Мантас Калниетис, Еј Џеј Слотер, Миро Билан, итн.
Паркер попладнево од Шарлот ќе има видеоконференција за медиумите, на која ќе ги најави плановите и амбициите на клубот.