Интер и Аталанта одиграа 1-1 на „Џузепе Меаца“ во Милано, во еден од дерби-натпреварите од 29-тото коло во италијанската Серија А.
Тимот на тренерот Кристијан Киву не успеа да ја задржи предноста до крајот, па пропушти можност да направи дополнителен чекор кон титулата. И покрај ремито, Интер останува на врвот на табелата со 68 бодови, осум повеќе од градскиот ривал Милан, кој има и натпревар помалку и утре му гостува на Лацио. До крајот на сезоната остануваат уште девет кола, па трката за шампионската титула сè уште не е решена.
Натпреварот не изобилуваше со возбудувања, нешто што често се случува кога игра Интер оваа сезона. Нераѕурите успеаја да го забават ритамот на противникот, кој очигледно сè уште беше разнишан по убедливиот пораз од Баерн Минхен (1-6) во осминафиналето од УЕФА Лига на шампиони.
Домаќините поведоа во 26-тата минута. Дензел Дамфрис со одличен пресинг ја одзеде топката од Марио Пашалиќ на половината на гостите, веднаш ја проследи до Николо Барела, кој испрати додавање во казнениот простор кон Пио Еспозито. Младиот напаѓач тргна кон Џорџо Скалвини, кој се двоумеше дали да интервенира, па Еспозито прецизно шутираше од околу десет метри и донесе водство од 1-0.
По погодокот темпото повторно падна. Интер умешно ја контролираше играта и ја чуваше предноста, додека Аталанта тешко доаѓаше до вистинска шанса.
Сепак, во 83-тата минута гостите стигнаа до израмнување. Давиде Запакоста испрати долга топка кон Шарл де Кетеларе, кој ја продолжи налево до Камалдин Сулемана. Тој влезе во дуел со Дамфрис, излезе сам пред Јан Зомер, чиј прв удар беше одбранет, но на одбиената топка најдобро се снајде Никола Крстовиќ и ја смести во мрежата за конечни 1-1.

