Летниот преоден рок во Европа е во полн ек, а еден од можните трансфери кои се во фокусот во Италија е заминувањето на Адемола Лукман од Аталанта. Голгетерот на тимот од Бергамо е на радарот на Интер.
Нераѕурите сакаат да го доведат играчот кој има договор со Аталанта до јуни 2027 година. Првата понуда на Интер од 40 милиони евра беше веднаш одбиена, а сега Аталанта ја „прешкрта“ и понудата од 43 милиони евра. Од Бергамо велат дека нема да прифатат понуда под 50 милиони евра за предвремено заминување на Лукман.
Лукман беше толку сигурен дека ќе биде нов играч на Интер, што дури одби да тренира со Аталанта. Овој потег на голгетерот ги налути челниците во Аталанта, па играчот кој постигна 52 гола во последните три сезони, сега може да биде и во немилост на тренерот.
За Лукман интерес покажа и Наполи, кој понуди пет милиони евра годишна плата за играчот, што е 500.000 евра повеќе од тоа што нуди Интер. Засега Лукман останува да е играч на Аталанта, но има уште еден месец до крајот на преодниот рок.