0.8 C
Skopje
понеделник, 22 декември 2025

Аталанта во последен миг дојде до победа против Џенова

Аталанта стигна до минимална, но значајна победа на гостувањето кај Џенова, совладувајќи го домаќинот со 0-1 во 16-тото коло од италијанската Серија А.

Натпреварот доби јасна насока уште на самиот почеток, кога Џенова остана со играч помалку по директниот црвен картон на голманот Леали, кој го собори Манчини надвор од шеснаесетникот. Тој момент целосно го диктираше понатамошниот тек на средбата.

Аталанта очекувано доминираше во поседот на топката, додека избраниците на Даниеле де Роси се обидуваа да се заканат преку брзи контранапади. Сепак, на „Луиџи Ферарис“ немаше многу возбудувања, а ретките обиди на Де Кетеларе и Коломбо не донесоа промена на резултатот.

Во четвртата минута од судиското продолжение, по корнерот изведен од Залевски, Исак Хиен најдобро се снајде во скок-играта и со удар со глава го совлада немоќниот Сомарива, носејќи ѝ три бода на Аталанта.

По оваа победа, тимот од Бергамо се искачи на деветтото место на табелата со 22 освоени бода, додека Џенова останува во долниот дел, на 17-тата позиција со 14 бода.

- Оглас -

Најнови вести