Атлетик Билбао во 61-вата минута го повлече голманот од игра, а зад оваа измена се крие еден голем план

Атлетик Билбао загуби од Селта Виго со 2:1 во меч од 36-тото коло на Примера дивисион. Гостите поведоа со погодокот во 23-тата минута и предноста ја чуваа до 68-мата минута. Селта прво израмни на 1:1, а три минути подоцна домаќините дадоа и втор гол за целосен пресврт и победа од 2:1.

Во 61-вата минута тренерот на гостите, Ернесто Валверде, направи изненадувачка замена откако реши од игра да го извади голманот Унаи Симон. Иако Симон не се жалеше на никаква повреда, а не беше во опасност дека може да добие и црвен картон, Ернесте реши да го повлече од теренот, и тоа поради интересна причина.

Голманот Симон е во конкуренција да ја освои наградата Замора, која се доделува за најдобриот голман во шпанското првенство, и тоа на оној чувар на мрежата кој има најмал коефициент на примени голови.

Симон е со коефициент 0,94 бидејќи во 35 кола има примено 33 гола. Тој е во водство во оваа категорија, а зад него се Ремир од Сосиедад и Тер Штеген од Барселона. Главен услов да се биде дел од трката за оваа награда е голманот да има одиграно барем 28 меча со по 60 минути.

Токму затоа тренерот Валверде реши да го извади Симон од игра во 61-вата минута, и тоа при водство на неговиот тим од 1:0. Симон така мечот го заврши без примен гол, а по неговото излегување од игра, Селта Виго постигна два погодока и Атлетик загуби.

„Ќе направам сè што можам за да им помогнам на моите играчи да стигнат до својата цел“, рече по мечот тренерот на Атлетик, Валверде.

- Оглас -

Најнови вести