Кој со кого ќе игра до крајот и какви им се шансите да стигнат до титулата

На три кола до крајот од шампионатот, четири екипи остануваат во трка за титулата во Шпанија. Изминатиов викенд првопласираните четири играа меѓу себе и двата меча завршија нерешено, па ситуацијата на табелата остана непроменета.

Атлетико Мадрид е лидер, а потоа следуваат Реал Мадрид и Барселона, додека со свои калкулации е и Севилја. Ќе има многу пресметки, калкулации за тоа какви шанси имаат екипите да стигнат до тронот, а распоред до крајот на сезоната најавува драма до самиот финиш.

АТЛЕТИКО МАДРИД (77 бодови)

Атлетико Мадрид во следното коло игра против петтопласираниот Реал Сосиедад и тоа треба да им биде најтежок ривал до крајот. Јорганџиите ќе бидат домаќини на Сосиедад, кој речиси сигурно ќе игра во Лигата на Европа. Потоа следува уште еден меч во Мадрид против Осасуна (16 мај), а првенството ќе го заврши со гостување кај Валјадолид на 23 мај. Валјадолид е тим кој се бори за опстанок, па токму тој дуел за домаќините може да значи дали ќе остане во елитата, а Атлетико дали ќе ја освои титулата.

РЕАЛ МАДРИД (75 бодови)

Реал Мадрид синоќа пропушти шанса да се искачи на врвот на табелата, но ако не дадеше гол во судиското надополнување, ќе паднеше и на третата позиција, па на крајот освои бод во дербито со Севилја. Кралевите в четврток гостуваат кај Гранада во рамките од 36-тото коло, а потоа ќе играат и во Билбао против Атлеитко (16 мај). Во последното коло Реал дома го пречекува Вилјареал на 23 мај.

БАРСЕЛОНА (75 бодови)

Барселона треба да чека кикс на двата гиганти од Мадрид, но веројатно има најлесен распоред до крајот на првенството. Каталонците утре гостуваат кај Леванте, а потоа на „Камп ноу“ ја пречекуваат Селта Виго (16 мај). Во последното коло Барселона ќе гостува кај последнопалсираниот Еибар.

СЕВИЛЈА (71 бодови)

Теоретски уште има шанса за титулата, но многу подобро ќе беше ако синоќа освоеја три бода против Реал во Мадрид. Севилја в среда е домаќин на Валенсија, потоа гостува кај Вилјареал, а првенството ќе го заврши со меч на свој терен против Алавес.

 

- Оглас -

Најнови вести