Антоан Гриезман би можело да направи изненадувачки камбек во редовите на Реал Сосиедад и да биде едно од изненадувањата во финишот од летниот преоден рок.
Поради клаузула од неговиот трансфер од Барселона, според која Атлетико треба да ја исплаќа одредена сума на пари ако Гриезман настапи повеќе од 30 минути во лигашките натпревари, а не сака да го прави тоа, минутажата на Французинот драстично опадна, па Гриезман во претходните два меча играше точно по 29 минути. Ако остане резерва во составот на Симеоне, може да му се загрози местото во француската селекција, а тоа не е добар знак за 31-годишниот офанзивец во пресрет на Светското првенство во Катар.
За да ја одржи формата и да има важна улога, Реал Сосиедад му ја отвори вратата за евентуален камбек на „Аноета“ по осум години пауза, каде што Гриезман всушност ги направи и првите чекори во сениорскиот фудбал. Доколку се направат поконкретни потези, Гриезман веројатно ќе биде позајмен во Сосиедад до крајот на актуелната сезона.
Инаку, офанзивецот со баскиско потекло беше член на Сосиедад од 2005 до 2014 година, запиша 202 сениорски настапи со 52 гола и 18 асистенции во сите натпреварувања, за потоа да продолжи во Атлетико и Барселона, па назад меѓу Јорганџиите.