Раjo Ваљекано го совлада Атлетико Мадрид со 3-0 во малото мадридско дерби, одиграно во 24-то коло од Ла Лига.
Овој дуел дојде само три дена откако Атлетико ја одигра можеби најдобрата партија сезонава и ја декласира Барселона со 4-0 во првиот полуфинален меч од Кралскиот куп. Тренерот Диего Симеоне денеска реши да го смени речиси целиот состав што настапи на тој натпревар, веројатно чувајќи ги носителите на играта за среда и пресметката со Клуб Бриж во Лигата на шампионите.
Но, вакви „експерименти“ против опасен противник како Рајо не се препорачливи, што и се потврди на теренот.
Номиналниот домаќин, кој поради проблеми со својот стадион привремено се пресели на стадионот на Леганес, одигра совршено прво полувреме и го реши прашањето на победникот во самиот финиш.
Во 40-тата минута романскиот десен бек Андреи Рациу одлично продре по десната страна, влезе во казнениот простор покрај Руџери, испрати остра топка низ петте метри која стигна до Фран Перес, а тој од седум метри лесно ја затресе мрежата на Јан Облак за 1-0.
Пет минути подоцна, по одличен пресинг на играчите на Рајо врз последната линија на Атлетико, топката беше освоена, повторно Рациу центрираше од десната страна кон Иси Паласон, чиј удар Облак го одбрани, но одбиената топка ја собра Оскар Валентин и од два метри погоди за 2-0.
Во второто полувреме Симеоне се обиде да ја промени ситуацијата со воведување на Хулијан Алварес, Адемола Лукман, Робен Ле Норман, Маркос Љоренте и Варгас, но веќе беше предоцна.
Атлетико не успеа да се врати во игра, а Рајо го завери триумфот во 76-та минута. По корнер од левата страна, домаќините изведоа кратка комбинација, центрираше Алваро Гарсија, а Нобел Менди со глава од пет метри ја закова топката во мрежата за конечни 3-0.
Атлетико остана четвртопласиран со 45 бода, додека Рајо запиша многу важна победа во борбата за опстанок, ја прекина серијата од три порази и сега е 16-ти со 25 бодови, односно на +2 од зоната за испаѓање.

