Атлетико Мадрид во следната сезона би сакал во своите редови да ги Иван Ракитиќ и Хамес Родригес, фудбалери кои во моментов се членови на ривалските Барселона, односно Реал Мадрид.
Атлетико и изминатото лето се интересираше за Колумбиецот од Реал, но Кралевите тогаш решија да го задржат. Сезонава Хамес игра ретко и голема е веројатноста да биде ослободен. Ако замине кај Јорганџиите, тоа би бил втор директен трансфер од Реал во Атлетико втора година по ред, откако лани по тој пат замина Маркос Љоренте. Реал за Хамес бара минимум 50 милиони евра.
Цел на Атлетико е и Хрватот Ракитиќ, кој има играно за Севилја, а сега е во Барса. За Ракитиќ има понуди и од Италија, но жена му е Шпанка, па не би имал ништо против да остане на Пиринејскиот Полуостров. Слично како и со Хамес, Атлетико одамна го следи Ракитиќ и тој би бил големо засилување за нив, додека во Барселона не е во прв план, иако речиси секогаш кога игра, тоа го прави добро. Договорот му истекува во 2021 година.