Атлетико Мадрид пропушти голема шанса да ги мине Реал Мадрид на врвот во Ла Лига, откако одигра само 1-1 против Селта Виго на домашен терен. Сепак, „јорганџиите“ на крајот може и да бидат задоволни со бодот, бидејќи играа со фудбалер помалку после исклучувањето на Бариос уште во петтата минута.
Селта Виго поведе преку Аспас од пенал во 68-мата минута, а Атлетико се спаси од пораз во 82-рата минута со голот на Сорлот.
Реал Мадрид останува прв со 51 бод, еден повеќе од Атлетико Мадрид. Барселона својот натпревар од 24-тото коло го игра во понеделник против Рајо Ваљекано и со победа ќе се израмни со „кралевите“ на врвот од табелата.