Реал Мадрид конечно заигра цврсто во одбраната и три меча по ред нема примено гол, што е првпат со Зинедин Зидан како тренер. Кралскиот клуб посебно сигурно одигра во градското дерби против Атлетико на гости, но токму на тој меч се случи една ситуација која може лошо да влијае на дефанзивата на гигантот од „Сантијаго Бернабеу“.
Шпанските медиуми пренесуваат дека тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, го слушнал капитенот на Реал, Серхио Рамос, како упатува навредливи зборови кон помошникот судија. Арбитрите не реагираа, но постои можност Атлетико да се жали на целата ситуација, па дисциплинската комисија на шпанската лига да го разгледа целиот случај.
Доколку се утврди дека Рамос го навредува помошниот судија, тогаш му се заканува суспензија и до четири натпревари. Ако се случи ова лошо сценарио за Реал, тоа ќе значи дека капитенот нема да може да игра во вечното дерби против Барселона. Ел Класико се игра на 26 октомври, во рамките од 10-тото коло.