Атлетико Мадрид го совлада Леванте со 1:0 во првиот денешен меч од шпанската Примера дивизија. Голот беше дело на Антоан Гризман во 57 минута, од пенал.
Гризман е стрелец на последните шест гола за клубот од Мадрид, кој останува втор на табелата по завршувањето на колото. Французинот сезонава има 9 гола, од кои само два не му се после прекин. Три се од пенал, два од слободен удар, а два после корнер.
Леванте има 12 порази и една нерешена (пред 14 години) на 13 лигашки гостувања кај Атлетико. Најголемата шанса гостите ја имаа во 70 минута кога шутот на капитенот Моралес од близина беше одбранет од Облак, а одбиената топка дојде до Барди кој шутираше над голот. Десет минути подоцна Барди имаше уште една прилика, но беше изблокиран од Годин. Последната победа на Леванте во Примера беше на 3 декември.
Атлетико сезонава на свој терен, дури шест пати имаше резултат 0:0 на полувреме, но тие се тимот со најмногу освоени бодови како домаќин. „Јорганџиите“ не знаат за пораз во првенството од 1 септември наваму. Пред почетокот на натпреварот, Гризман доби признание за најдобар играч во лигата за месец декември. Негативност за Атлетико од овој меч беше повредата на Стефан Савиќ кој мораше да излезе од игра уште во 9. минута.