Фудбалерите на Атлетико Мадрид победија на гостувањето кај Хетафе 0-1 во 13-тото коло на Ла Лига.
Атлетико ја скрши одбраната на Хетафе дури во финишот на мечот, во 82-та минута, кога Дуарте несмасно си постигна автогол.
Дуелот не започна добро за Атлетико, бидејќи веќе во 14-та минута Маркос Љоренте мораше да го напушти теренот поради повреда, а на негово место влезе Антоан Гризман.
Атлетико имаше повеќе од играта од самиот старт, Нико Гонзалес ја имаше првата шанса, но одличен беше голманот Сорија.
Хетафе се закани сериозно дури во 62-та минута кога Арамбари имаше одлична шанса. Топката отиде кон мрежата, но во последен момент одбраната на Атлетико реагираше пред гол-линијата.
Диего Симеоне одлучи со замени да го промени текот на натпреварот, влегоа Сорлот, Распадори, Ханко и Галагер. Распадори внесе најмногу живост во нападот и имаше сериозен шут кој заврши покрај дирекот.
Во 82-та минута, по еден центаршут, Распадори реагираше и испрати повратна топка низ петте метри, а Дуарте ненамерно ја затресе својата мрежа за 0-1.
Атлетико до крајот не дозволи да ја изгуби тешко остварената предност. Во последните моменти, Арамбари од вртење ја погоди гредата, а сантиметри го делеа Хетафе од голем бод.

